Јојоба плодот (simmondsia chinensis) претставува зелена капсула, која откако ќе созрее (од 3 до 6 месеци по оплодувањето), се дели и ослободува кафеаво семе со големина на маслинка. Семенките на дрвото јојоба се извор на високо квалитетно масло (течен восок) кое има различни цели, иако најдобро делува на кожата, правејќи ја здрава и убава.
Маслото од јојоба се карактеризира со голема вискозност, висока диелектрична константа и голема стабилност. Маслото е богато со C20 и C22 масни киселини. Пред многу векови, Индијанците го употребувале маслото од јојоба во исхраната, но го употребувале и како лек при изгореници, иритации и промена на кожата, скалпот и косата.
Собирањето и обработката на семенките од дрвото јојоба почнува во 1970 година, која се означува како почеток на производство на ова масло. Денес, маслото од јојоба најчесто се користи во козметичката индустрија, особено во одржувањето здрава кожа.
Маслото од јојоба традиционално се користи за лекување рани, исекотини, брадавици и лузни. Содржи висока концентрација на витамин Е, витамини од Б комплексот, како и минерали – силициум, хром, бакар и цинк. Витаминот Е, како моќен антиоксидант, ја храни кожата, одговорен е за нејзината еластичност и влага, цврстина на сврзувачкото ткиво и ги забавува знаците на стареење.
Структурата на маслото од јојоба наликува на природен себум и затоа е идеално за нега на сува и оштетена кожа, не ги затвора порите, ја омекнува кожата на рацете и стопалата, дава сјај и младешки изглед. Исто така, помага при лекување акни.