Помалку познато од останатите масла, како арганот, јојобата или кокосот, маслото од макадамија има неверојатно ревитализирачко дејство на кожата, на косата и на целокупниот организам доколку се конзумира по внатрешен пат. Се добива од плодовите на дрво кое расте во Австралија и е откриено од абориџините пред повеќе од 500 години.
Содржи 60% олеинска киселина, 19% палмитолеинска киселина, 2,8% линолеинска киселина, 6% омега 3 и 6 масни киселини и витамини А, Б1 и Б2 – пријатели на правилната циркулација и на лимфниот систем.
Благодарение на палмитолеинската киселина, која е многу слична на нашиот себум во кожата, ова масло е идеално и многу компатибилно за нејзина нега. Нашата кожа го апсорбира со неверојатна леснотија и брзина, затоа што го препознава и успева да ја задржи нејзината природна еластичност. Особено е наменето за сува, чувствителна и дехидрирана кожа и има големо „анти-ејџ“ влијание.
Маслото од макадамија е ектремно ефикасно и функционално кога станува збор за убавината, за здравјето и за негата на косата. Спас е за сува, оштетена и коса без сјај, благодарение на големиот процент витамин Е во самото масло, кој го помага кератинот во влакното и на тој начин, го забрзува обновувањето на косата. Длабински ја храни косата. Со оглед на тоа што ова масло активно и ефикасно ја ревитализира косата, таа побрзо расте и е поздрава. Косата комплетно се ревитализира, исчезнува ефектот на сува, разлетана коса и таа добива висок сјај.