Лековитите својства на бадемовото масло на просторот на Медитеранот се познати уште од античките времиња. Неговата примена е универзална. Се користи за целокупната заштита на телото, но и во исхраната. Богато е со растителни протеини, витамин А, Б1, Б2, Б6 и витамин Е. Покрај тоа, содржи три вида есенцијални масни киселини: Омега-3, Омега-6 и Омега-9. Бадемовото масло се добива со екстракција на сувите плодови бадем. Неговата употреба во козметиката е разновидна. Погодно е за сува и чувствителна кожа, негување на коса а се употребува и како базично масло при масажа и ароматерапија. Се користи и за секојдневна нега на лице, бидејќи не ги затвора порите. Погодно е за сите типови кожа, смирува воспаленија, изгореници, егземи и псоријаза. Многу ретко предизвикува алергии и поради ова може да се користи и за нега на бебешка кожа. Го забрзува растот на косата и помага во обнова на влакното бидејќи е богато со витамин А. Освен што ја влажни, ја храни и ја заштитува кожата, бадемовото масло ја чини мека и свиленкаста, го забавува стареењето и го подобрува тенот. Ова масло најчесто се користи за масажа. Игра важна улога и во ароматерапијата, бидејќи се користи како база при примена на различни типови ароматични масла кои, доколку се употребуваат поединечно, може да ја иритираат кожата. Поради својата текстура, лесно навлегува во подлабоките слоеви на мускулите со што ги омекнува и ја зајакнува кожата, ги опушта напнатите мускули и го подмладува телото.